Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии (ИЦКНИТ) е основан како научна единица на МАНУ во 2014 година. Во 2022 г., Советот на Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии го сочинуваа сите членови на Одделението за технички науки: академиците Алајдин Абази, Леонид Грчев, Глигор Каневче, Љупчо Коцарев и Јордан Поп-Јорданов, и дописен член Зоран Хаџи-Велков. Во работата на Центарот се ангажирани тројца соработници финансирани од републичкиот буџет: д-р Александар Дединец и д-р Трифче Сандев, соработници финансирани од меѓународни проекти: д-р Јана Проданова, м-р Предраг Јањиќ, м-р Петар Јолакоски, Димитар Солев, Марко Чавдар, Пеце Трајановски, Кирил Зеленковски, како и голем број надворешни соработници.
Како и во последните неколку години, така и во 2022 година, во Центарот се работеа теми што опфаќаат повеќе научни дисциплини: од математика и физика до компјутерски науки, од биоинформатика и пресметувачка биологија до општествени науки. При тоа темите на коишто се работеше беа разнородни: Маркови синџири, Маркови случајни полиња, флуктуации и случајни процеси во комплексни системи, Брауново движење, аномална дифузија, меѓународна трговија, комплексни мрежи, девизни пазари, невронски мрежи, длабоко учење, ширење на заразни болести, пандемијата ковид-19 и многу други.