
Датум на раѓање:
25.02.1955
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2007
Институции:
Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје; Институтот за нелинеарни науки при Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, САД.
Област на работа:
Информатички науки
Академик Љупчо Коцарев е роден на 25 февруари 1955 година во Скопје. Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до денес e вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД).
Научниот интерес на Академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физика, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 година до денес Академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во часописи со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) часописи без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа). Неговите публикации се цитирани според Web of Sceince (Science Citation Index) 6384 (6133 без само цитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11248 пати (податоците од 25-10-2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Elsevier статиите публикувани во Elsevier се видени/пристапени преку порталот на издавачот 18946 пати (податоци до Септември 2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Springer, вкупниот број на превземени (dowload) текстови од книгите кои ги едитирал Акад. Коцарев е 36500 (податоци заклучно со 2014 година). Академик Коцарев соработувал со истражувачи од многу земји вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија, Велика Британија, Австралија, Данска, Холандија, Франција, Канада, Мексико и многу други. Академик Љупчо Коцарев бил раководител на повеќе проекти финансирани од ЕУ (програмите ТЕМПУС, ФП6, ФП7 и Хоризон2020), САД (NSF, ONR, NIH), Германија (DFG), НАТО, компанијата ST Microelctronics и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Датум на раѓање:
28.04.1951
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2009
Институции:
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за елекротехника и информациски технологии, редовен професор, 1988–
Област на работа:
Електротехнички науки
Акад. Леонид Грчев е роден на 28 април 1951 година во Скопје.
Во 1978 година дипломирал на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во 1982 година ги завршил постдипломските студии на Електротехничкиот факултет на Универзитетот во Загреб, каде во 1986 година ги завршил и докторските студии и ја одбранил докторската дисертација.
Во периодот од 1978 до 1988 година бил вработен во „Електростопанство на Македонија“ во Скопје, како инженер за телекомуникации. Во 1988 година акад. Леонид Грчев бил избран за доцент на Електротехничкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 1993 за вонреден професор и во 1997 година за редовен професор. Од 1997 до 2002 година и од 2009 до 2016 година бил раководител на Институтот за електротермија и од 2003 година е раководител на Центарот за електромагнетна компатибилност. Од 1989 до 1991 бил соработник и советник во водечката светска консултантска и софтверска фирма за безбедност во електроенергетски системи Safe Engineering Services and Technologies во Монтреал, Канада. Бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ахен, Германија (во мај–јуни 1993 и јули 1995), на Универзитетот во Упсала, Шведска (во јуни 1995) и на Федералниот технички универзитет во Лозана, Швајцарија (во периодот јуни–јули 2002 и јули 2005 година). Во академската 2002–2003 година бил гостин-професор на Техничкиот универзитет во Ајндховен, Холандија.
Акад. Леонид Грчев е автор и коавтор на над 300 научни и стручни трудови, при што на повеќето од половината од трудовите е прв автор. Неговите научни трудови според третираните проблеми можат да се класифицираат во следниве групи: развој на нов теоретски модел, негова практична примена и верификација со експерименти, во областите на анализата на брзите промени (транзиети) во големи и комплексни електрични системи со посебен акцент на влијанието на земјата, подобрување на заштитата од ефектите на атмосферските празнења, електромагнетна компатибилност и моделирање на атмосферски празнења. Трудовите се цитирани повеќе од 1750 пати (според Google Scholar 06.2016).
Еден од главните научни придонеси на акад. Леонид Грчев е развојот на досега најточниот модел за анализа на транзиентно електромагнетно однесување на комплексни системи во слоевити електрично спроводни средини. Оваа област на истражување станува сé поактуелна и поважна за понатамошниот развој на новите технологии, поради сè поголемата чувствителност на електронските системи на влијанијата од брзо променливото електромагнетно поле. Потребата од заштита на овие системи, кои се во основа на модерниот развој на информатичко комуникациската технологија, бараат сè поточни постапки за пресметка. Акад. Леонид Грчев го развил овој модел во сите елементи кои се потребни тој да биде широко применет во светот: ги поставил теоретските основи, развил ефикасни нумерички постапки, го верифицирал моделот по пат на споредба со експерименти, го проширил моделот за да опфати различни елементи на системите, го поврзал со постоечки стандарден софтвер за анализа на големи електрични системи и развил софтвер за интерактивна анализа. По долгогодишната работа на ова поле, акад. Леонид Грчев денес е прифатен во светската професионална научна заедница како основоположник на нова методологија и еден од лидерите во областа. Научните придонеси на акад. Леонид Грчев во научниот свет се прифатени како основна референца во областа, а нивното влијание е во постојан пораст – за што сведочи сè поголемиот број истражувачки групи во светот кои го применуваат и развиваат неговиот метод.
Меѓународна активност на акад. Грчев во наставната, научната, стручната и публицистичката област, која накусо резимирана ја дава следнава слика: организирал и одржувал настава на 5 постдипломски и напредни курсеви и бил коментор на докторски студии на реномирани универзитети во Европа; бил автор, коавтор и коуредник на 5 меѓународни монографии, автор на труд кој е вклучен во книгата на избрани трудови на IЕЕЕ, има објавено 43 трудови во меѓународни списанија (до јуни 2016 година), има презентирани 204 труда на меѓународни референцирани конференции, уредник е на 2 меѓународни научни списанија, бил претседател и организатор на повеќе меѓународни научни собири, бил претседател и член на научни комитети на повеќе меѓнародни конференции; рецензент е на трудови за врвни научни списанија; бил главен истражувач и учесник во над 20 меѓународни и странски научноистражувачки проекти, и гостин-истражувач во 6 реномирани институти и лаборатории во странство; член е на 7 комитети и меѓународни работни групи на CIGRE и CIRED – Париз и коавтор на 3 меѓународни препораки во областа на заштитата на електричните системи од електромагнетните влијанија, автор е на инженерски софтвер кој денес се применува во големи фирми во светот, какви што се, на пример, германскиот Siemens и францускиот EDF, како и реномирани универзитети во Европа, автор е на практични решенија за заштита од електромагнетни влијанија во Македонија, Германија и Холандија. Во 2013 година e избран за Fellow на IEEE (што претставува врвно признание на престижното најголемо светско техничко професионално здружение: Institute of Electrical and Electronics Engineers – IEEE), а во 2015 именуван е за IEEE PES Distinguished Lecturer (истакнат предавач во Здружението за електроенергетика на IEEE).
Акад. Леонид Грчев бил раководител на повеќе од 50 стручно-апликативни проекти за решавање на практични проблеми на заштита од електромагнетни влијанија во телекомуникациски, електроенергетски и постројки за пригоден гас и нафта во Република Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.

Датум на раѓање:
03.01.1946
Место на раѓање:
Охрид
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2000
Институции:
Техничкиот факултет во Битола
Област на работа:
Термодинамика
Биографија
Акад. Глигор Каневче е роден на 3 јануари 1946 год. во Охрид. На Машинскиот факултет во Белград дипломирал во 1969 год. Докторирал на Технолошкиот факултет во Нови Сад во 1982 годин. Работел во Институтот „Борис Кидрич – Винча“ од 1970 до 1983 год. и како асистент на Машинскиот факултет во Белград од 1975 до 1980 год. Во периодот од 1983 до пензионирањето во 2011 година е вработен на Техничкиот факултет во Битола, каде што работел како наставник по предметите: Термодинамика, Одржлив енергетски развој, Енергија и околина, Нуклеарни реактори и Индустриски сушари, на додипломските студии и по предметите: Пренос на топлина и маса, Процеси на согорување и пренос на топлина и маса во енергетските постројки, Сушари и Загадување и загаденост на воздухот, на постдипломските студии. Во звање редовен професор е од 1989 година. Во 2013 година е избран за прв Професор емеритус на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Од 1995 до 1997 год. е декан на споменатиот факултет. Од 2007 до 2013 год. е претседател на Македонскиот национален комитет на Светскиот совет за енергија, а од 2012 год. е раководител на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ.
Акад. Каневче има објавено над 200 научни и стручни трудови во земјата и во странство, од подрачјето на енергетиката, животната средина, термотехниката, термоенергетиката, процесната и мерната техника. Неговата научна и апликативна дејност е изразено мултидисциплинарна, а според доминантниот придонес може да се подели во неколку основни области: теорија на сушење, системи за сушење, мерни методи, флуидизирани слоеви и печки за термичка обработка, процеси со аблација и моделирање во екологијата. Во својот научен опус ги истражувал следните проблеми: мерење на флуктуациите на брзините и температурите кај турбулентните токови со статистичка обработка на сигналите; испитување на термодинамичките и струјни карактеристики на термоагрегати, сушари и други термотехнички апарати и развој на соодветни мерни методи и постројки; експериментално и теоретско испитување на процесите на пренос на топлина и материја во колоидно-капиларнопорозни тела; развој на печки за термичка обработка во флуидизирани слоеви; развој на системи за користење на лигнит и сушари за лигнит; развој на математички модели за пресметка на температурското и брзинското поле на изливот на водата за ладење на кондензаторот кај централите; изучување на процесите на пренос на топлина и маса при струења на гасови со високи температури и брзини кои доведуваат до аблација на ѕидовите; развој на физички и математички модел на скраберски постројки и математичко моделирање на распределбата на полутантите од оџаците на термоенергетските објекти.
Научниот опус на акад. Каневче претставува комбинација на теоретски и експериментални истражувања. За спроведување на експериментите има реализирано поголем број апаратури со соодветни мерни системи. Голем е бројот и на експериментите спроведени на реални објекти. Резултатите од експериментите се вградени во развојот на соодветните физички и математички модели. Неговото обемно научно дело навлегува во подрачјето на фундаменталните истражувања во повеќе области. Од посебно значење се резултатите од неговите теоретски и експериментални истражувања на процесите на сушењето.
Поголем број од трудовите на акад. Каневче имаат директна апликативна намена. Се занимава со развој на мерни методи и системи за мерење на температури, влажности, брзини и протоци кај индустриски постројки. Развиените мерни методи за физички големини од значење во термотехниката имаат широка примена. Особено треба да се истакнат трудовите во кои се изучуваат системите за сушење, чии резултати се преточени во бројни сушари од различен тип и намена. Посебен придонес акад. Каневче остварува во усовршувањето на фамилијата на вертикални сушари за зрнести производи и во усовршувањето и проширувањето на примената на ротопневматските сушари.
Акад. Каневче иницира, раководи и учествува во реализацијата на поголем број научноистражувачки и апликативни проекти и остварува богата меѓународна соработка.
Истражувањата во подрачјето на флуидизираните слоеви резултираа во изведба на индустриска печка за термичка обработка. Изучувањата на конвективни коморни печки за термичка обработка резултираа со идејно решение на печка со хомогено температурно поле. Трудовите од подрачјето на екологијата имаат директна апликативна вредност. Програмскиот пакет MADAM е развиен за потребите на законската регулатива во Македонија и се користи при изготвувањето на еколошки елаборати за моделирање на распростирањето на полутантите од оџаците на термоенергетските објекти. Во последните десетина години, преку Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, акад. Каневче се занимава со реализација на стратешки проекти од национален карактер и витално значење за земјата од подрачјето на енергетиката и нејзиното влијание на околината,
Научниот опус на акад. Каневче содржи високи теоретски, експериментални и апликативни достигања, афирмирани во земјата и странство и верифицирани во индустриската практика. Забележлива е и неговата пионерска улога во организирање на научни истражувања, докторски и магистерски студии и подигање млад научен кадар на Битолскиот универзитет.
Член е на меѓународни и домашни научни совети, комитети и друштва, редакции и организациони одбори на списанија и симпозиуми.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година. Повеќе информации можат да се најдат на веб-страницата.

Датум на раѓање:
23.11.1925
Место на раѓање:
Велико Градиште
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1974
Институции:
Институт зa нуклеарни науки Борис Кидрич, Винча; Електротехнички факултет, Белград; Електротехнички факултет, Скопје.
Област на работа:
Електротехнички науки
Биографија
Акад. Јордан Поп-Јорданов е роден во Велико Градиште, Србија, на 23 ноември 1925 година. Гимназија завршил во Штип. Во 1956 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје (средна оценка 9,94), а во 1960 година техничка физика на Електротехничкиот факултет во Белград (средна оценка 9,32). Докторирал на Електротехничкиот факултет во Белград во 1964 година. Бил на стручно усовршување во Англија, Советскиот Сојуз и Швајцарија. Од 1960 год. работи во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча во повеќе научни звања и раководи со група млади научни работници. Во 1971 година преминува на Електротехничкиот факултет на Белградскиот универзитет, каде останува како редовен професор сé до крајот на 1983 година, кога се враќа во Скопје.
На редовните и постдипломските студии на Електротехничкиот факултет во Белград држел настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика. На истиот факултет основал и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика. Предавал и на постдипломски студии на Природно-математичкиот и Филозофскиот факултет и во Центарот за мултидисциплинарни студии на Белградскиот универзитет, како и на Електротехничкиот факултет во Скопје. Автор е на универзитетските учебници „Нерамнотежна статистичка физика“ (1981) и „Квантна електродинамика“ (1983), како и на неколку книги во земјата и странство. Објавил околу 300 научни и стручни трудови главно во меѓународни научни списанија и монографии, од кои најмногу се од полето на неутронската физика, електричното инженерство, енергетиката и одржлив развој, мозочниот електрицитет и филозофијата на науката. Учествувал на повеќе меѓународни научни собири во дваесетина земји на Европа, Америка и Азија, најчесто како поканет експерт. Реализирал голем број научни проекти, од кои преку 20 имале меѓународен карактер. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации.
Главните негови научни придонеси се однесуваат на неутрониката („метод на Поп-Јорданов“ за термализација на неутроните, објавено во престижното издание на Обединетите нации пред половина век); електроенергетиката (мултидизмензионална интерпретација на околински ризици); соларната енергија (квантни модели на тенки филмови), одржливиот развој (негентропски концепт и ментални индикатори); невронауката (мозочен електрицитет и квантни ментални спектри) и филозофијата на природните науки (интерпретација на микрочестичен дуализам).
Член е на редакции и рецензент на повеќе меѓународни научни списанија и на меѓународни стручни организации, како и референт за избор на професори на универзитети во Европа и Америка. Бил одговорен уредник на списанието „Радови“ (на Заводот за физика на Белградскиот универзитет), како и директор на Меѓународната постмагистерска летна школа по реакторска физика, организирана од Меѓународната агенција за атомска енергија.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: Годишна награда на Институтот во Винча за индивидуално научно остварување (1964); Јубилејна награда на Институтот во Винча за развој на научната област (1968); награда на ВРЕН-УНЕСКО за најдобар труд на Светскиот конгрес по обновлива енергија во Денвер (1996); награда на Светската иновациона фондација за извонреден придонес за науката и човештвото (2003); награда за извонреден придонес на науката на 20-от век; награда на Универзитетите во Скопје и во Белград за најдобар успех на студии и др.
Носител е на Споменица 1941 (како учесник на НОБ во Македонија), Орден за храброст, Орден Братство и единство, Орден за труд, три Ордени Заслуги за народ, Орден за заслуги за Македонија (2007), Медал на Македонската православна црква (2008) и др.
Бил претседател на Научниот совет на Институтот за нуклеарни науки во Винча (1969-1970) во време кога тој институт бил најарфимиран научен центар во југоисточна Европа, како и декан на Електротехничкиот факултет во Белград (1977-1979). Во 1993 го основал Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, со кој раководел до 2012, и кој се развил во меѓународно афирмиран „центар на одличност“. Бил претседател на Македонскиот национален комитет на Светскиот совет за енергија.
Член е на пет странски академии и тоа: Њујоршката академија на науките (САД), Меѓународната академија на науката (Минхен, Германија), Европската академија на науките и уметностите (Салцбург, Австрија), Медитеранската академија (Неапол, Италија) и Светската академија за уметност и наука (Сан Франциско, САД).
Почесен член е на Светската иновациона фондација и на Филозофското друштво на Македонијa, како и странски член на Американско физичко друштво, Европска секција на друштвото за анализа на ризици, Меѓународно друштво за соларна енергија, Римски клуб-Совет за иднина на Европа, Европско нуклеарно друштво, Друштво за применета невронаука и Европско друштво за култура.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 25 декември 1969 на првото редовно изборно собрание, а за редовен член на 26 декември 1974 година. Во периодот од 1984 до 1991 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите.
Зборува седум странски јазици.

Датум на раѓање:
24.07.1972
Место на раѓање:
Skopje
Членство во МАНУ:
дописен член, 30.03.2022
Институции:
Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје
Област на работа:
Телекомуникации / телекомуникациско инженерство
Биографија
Зоран Хаџи-Велков е роден на 24 јули 1972 година во Скопје.
Дипломирал (1996 год.), магистрирал (со награда за најдобра теза, 2000 год.) и докторирал (2003 год.) на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Со научен степен доктор на технички науки се стекнал со одбрана на докторската дисертација со наслов „Придонес кон анализата на перформансите и дефинирањето на оптималните работни параметри на безжични локални мрежи“. Се вработил на ФЕИТ/УКИМ веднаш по дипломирањето како помлад асистент, потоа е унапреден во асистент (2001 год.), доцент (2003 год.), вонреден професор (2008 год.), а од 2013 година до денес е редовен професор во наставно-научната област телекомуникации (телекомуникациско инженерство) на истиот факултет.
Од октомври 2012 до јануари 2014 година бил визитинг-професор на Универзитетот „Фридрих Александар“ во Ерланген/Нирнберг, Германија.
Oд 2012 до 2016 година бил Уредник во едно од најпрестижните меѓународни списанија од телекомуникации, IEEE Communications Letters. Бил член во технички и програмски одбори на голем број меѓународни конференции од телекомуникации, вклучувајќи ги и водечките светки конференции IEEE ICC и IEEE GLOBECOM.
Проф. Хаџи-Велков е добитник на Хумболтовата стипендија за искусни истражувачи, доделена од страна на германската државна научна фондација „Александар фон Хумболт“ како признание за важен придонес во науката. Добитник е на наградата „Најдобар научник на УКИМ“ за 2013 година. По препорака на Германската национална академија на науки „Леополдина“, од 2014 година д-р Хаџи-Велков е претставник на Македонија од редот на истакнати научници во научниот сегмент на Берлинскиот процес, кој подготвува препораки за хармонизација на високото образование и науката во државите од Западен Балкан со Европската Унија.
Во текот на својата академска кариера, д-р Хаџи-Велков се усовршувал преку научни и студиски престои на повеќе познати универзитети и истражувачки центри: Политехнички универзитет во Торино, Италија (1998 год.); Универзитет во Лил, Франција (1999 год.); Институт за телекомуникации во Еври – Париз, Франција (2000 год.); ИБМ истражувачки центар „Ватсон“, Њујорк, САД (2001 – 2002 год.); Универзитет во Модена, Италија (2005 год.); Универзитет „Аристотел“ во Солун, Грција (2010, 2011, 2016 год.); Универзитет во Ерланген/Нирнберг, Германија (2017, 2018, 2019 год.); Универзитет во Белфаст, Велика Британија (2015, 2016 год.); Универзитет „Жеџијанг“, Хангџо, НР Кина (2017 год.); Институт за акустика при Австриската академија за науки, Виена, Австрија (2017, 2018 год.); Универзитет „Џао Тонг“, Шангај, НР Кина (2017, 2019 год.).
Проф. Хаџи-Велков се бави со научни истражувања во научното поле телекомуникации (телекомуникациско инженерство), со потесна специјалност во областите: теорија на телекомуникации, безжични и мобилни комуникации, и безжичен пренос на енергија и информација.
Проф. д-р Зоран Хаџи-Велков е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на 20-тото Изборното собрание на МАНУ одржано на 30 март 2022 година.